Патронен празник 2017 - 1

ООУ Кирил и Методиј, од самиот почеток на своето постоење до денешен ден, е расадник на ученички умови кои со гордост ги претставуваат ликовите и делата на своите патрони, како и на наставници со изградени професионални способности и напредни идеи. Нашето училиште е синоним за успешна образовна установа, благодарение на сите личности кои го воделе и водат училиштето во вистинска насока, со максимална посветеност и цврсти лидерски вештини.
Денес имаме голема причина да го прославиме нашиот патронен празник и од сé срце да им се заблагодариме на сите оние кои несебично нѝ ја подадоа својата рака во најтешките мигови, кога помошта нѝ беше најпотребна. Ги надминавме своите и очекувањата на другите во санирањето на последиците од минатогодишната водена стихија, а во нашите сеќавања засекогаш ќе живеат сите пријатели и сограѓани кои, за жал, ги загубивме на тој кобен ден, а меѓу нив и нашиот непрежален Иван Илиев, во чија чест секоја година ќе се одржуваат Меморијални спортски игри.
Мотото на овогодинешното празнување, 32-ро по ред, беше „Народното творештво – огледало на еден народ“, отсликувајќи го духот на нашето народно богатство, преку еден своевиден времеплов, од векот кога е создадена словенската писменост, па сé до денес, преку народни песни, фолклор, ракотворби и обичаи. Упатуваме искрена благодарност до сите присутни гости и, секако, до сите учесници на денешната свечена приредба.