ОГЛАСНА ТАБЛА

Е-НАСТАВА
Почитувани ученици и родители,
Тимот наставници од нашето училиште изминатите денови напорно работеше и направи е-платформа во рамки на училишната веб-страница, на која се споделени материјали за
Е-УЧЕЊЕ од I - IX одделение.
Материјалите се на двата наставни јазика кои се користат во училиштето.
Учете безбедно од дома

Уредба од Владата на РСМ
Почитувани ученици, родители и наставници,
На 26-та седница на Владата, донесена е Уредба со законска сила за примена на Законот за основното образование за реализација и организација на наставата во основните училишта и за оценувањето на учениците за времетраење на вонредната состојба.
Според одредбите од оваа уредба со законска сила, наставата во основните училишта се организира преку далечинско учење, односно учење од дома, со примена на средства за електронска комуникација.
Средства за електронска комуникација, во смисла на оваа Уредба, се средства кои обезбедуваат реализација на наставата без заедничко физичко присуство на учесниците во наставниот процес и кои овозможуваат взаемна двонасочна комуникација.
Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за електронска размена на податоци.
За употреба на видот на средствата за електронска комуникација од став 2 на овој член, одлука донесува основното училиште.
За периодот на организирање на наставата во основните училишта преку далечинско учење, односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците.
Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот.
Влада на РСМ
Национална платформа E-Училница
Драги ученици, почитувани родители и наставници,
Со донесувањето на уредбите со законска сила и воведувањето на далечинско учење, односно учење од дома, покрај средствата за електронска комуникација кои се применуваат од страна на нашето училиште, и покрај ТВ-Училница, своето знаење можете да го надградите и со користење на националната платформа Е-Училница.
Ако гледаме од позитивна перспектива, ние, всушност, ја префрливме само физичката средина за учење. Е-училницата нѝ помогна на сите нас да се обединиме и да ги искористиме сите ресурси за учење, кои нудат неограничени можности.
Огромна благодарност до сите вас за соработката, а на Вашите наставници особено, затоа што покажаа дека се вистински професионалци, бидејќи активно ја ажурираат училишната веб-платформа, но голем број од нив се вклучија и во ажурирање на националната веб-платформа.
Учете и забавувајте се! Бидете дома на безбедно и чувајте се!
Новата дигитална платформа со видео-настава и активности за учење преку игра е достапна на:

Продолжување на мерката за ослободување од работа 
Почитувани родители,
Ве известуваме дека се продолжува важноста на претходно обезбедените потврди на име на родителот корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години.
ИЗВЕСТУВАЊЕ
Почитувани родители / старатели, 
Ве известуваме дека училиштето, согласно препораките од МОН, ќе организира ротациони дежурства за излегување во пресрет на Вашите потреби од потврди и останати документи. 
Дежурствата ќе се организираат секој работен ден од 09:00 до 12:00 часот.
Уште еднаш Ве потсетуваме дека ослободувањето на учениците од настава не е распуст, туку превентивна мерка за заштита и спречување на понатамошно ширење на вирусот кој претставува глобална опасност. Затоа, Ве молиме, почитувајте ги препораките и не го користете училишниот двор како место за дружење и забава.
Ви благодариме на разбирањето.
Со почит,
Директор

Издавање потврди
Почитувани родители во ООУ „Кирил и Методиј", 
Училиштето направи напори да излезе во пресрет на Вашите барања, имајќи ја предвид новонастанатата состојба и препораките од надлежните институции.
Според списоците што ги доставивте во комуникација со одделенските раководители за потребата од издавање потврда од училиштето, Ве известуваме дека потврдите се изготвени и може да ги подигнете на 13.03.2020 (петок) од 10:00 до 12:00 часот во просториите на училиштето. 
Истите може да Ви ги испратиме и електронски, доколку нѝ ја оставите Вашата електронска адреса.

Почитувани родители и соработници,
ООУ „Кирил и Методиј“
Ве известува дека од 11.03.2020 година (среда) ќе го прекине воспитно - образовниот процес,
како дел од мерките и активностите за превенција од ширењето на корона вирус.
Мерката е со траење од 14 дена, согласно Одлуката на Владата на РСМ, а по препорака на комисијата за заразни болести.
Со почит,
ООУ „Кирил и Методиј“