Проект МИО: Градиме заедничка иднина 2019

„Градиме заедничка иднина“ е проект на општина Гази Баба, кој како успешна приказна се реализираше минатата учебна година и се промовираше на Денот на Општината.

Оваа година, повторно, поддржани од ОБСЕ, под покровителство на Општината, стартувавме со првиот координативен состанок на координаторите од сите 11 основни училишта. Домаќин беше ООУ „Кирил и Методиј“ - Стајковци.

Општината е една од најактивните во Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието во однос на реализација на самостојни и заеднички МИО активности, но и во поглед на искористеност на грантови и ресурси кои ги нуди МОН, ОБСЕ, УСАИД и други партнери и пријатели на образованието и на интеграцијата на учениците од етнички аспект.

Продолжувањето на афирмацијата на мултикултурализмот во нашата општина е само доказ дека, без разлика на која етничка заедница припаѓаме, заеднички можеме сѐ да направиме. Целта на овој проект е да се зајакнува капацитетот на вклучените ученици за интеретничките релации и да се обработуваат теми од областа на: мултикултура, предрасуди, стереотипи, комуникативни вештини и јазични бариери, ненасилно решавање конфликти, идентитет и сл.

При соработката и реализацијата на активностите, учениците ќе бидат вклучени во активности за подобро меѓусебно запознавање и градење групна кохезија, каде што тие ги донесуваат правилата за работа, со обезбедување рамноправен статус меѓу сите ученици. Учениците ќе бидат поттикнувани на соработка и интеракција во полово и етнички балансирани групи, во кои важен фактор е позитивната меѓузависност на групите, со еднакви можности за успех во групната и индивидуалната одговорност.